- 22.07.2022
- Posted by: smartuser
- Categories: Autodesk новости, Некатегоризирани, Новости
Еден ден се состанавме неколкумина BIM ентузијасти и повторно ја отворивме темата на стандардизацијата. Во рамки на тоа, и на BIM-стандардите. И, за што зборувавме? За жал, за дебелината на линиите и видовите шрафури… главно за графичките стандарди. Не затоа што мислиме дека тоа е најважната работа кога зборуваме за BIM-стандардите, бидејќи според мене тоа нема многу врска со BIM, туку затоа што ни тоа сè уште не е средено кај нас. А тешко е да се тргне на нешто понапредно додека сè уште не се средени основите, кои вклучуваат уште неколку елементи освен графичките стандарди и опремата за скиците. Всушност, не дека го немаме решено тоа – туку го имаме направено на тој начин што секој си го има решено сам за себе. И тоа може да функционира за поединечните бироа, но тоа нема врска со заедничките стандарди и предностите што ги носат тие.
Заедничко гледање на работите
Идејата на BIM е повеќе тимови да работат на еден проект преку (што поблиска) соработка. Така, тука е навистина важно да имаме стандарди до кои можеме да се држиме и тоа по можност не само на еден проект, туку на секој. И можеби тука графичките стандарди се и најмалку важни. Ама за тоа која класификација на градежни елементи да се користи, кој LOD/LOI-стандард, кои фази во развојот на проектот… и сл. Тешко дека успешно ќе соработуваме ако секој има свое видување на работите.
Од перспектива на некој кој има осмислено стандарди за повеќе бироа, можам да кажам дека одвај чекам да договориме нешто заедничко. Затоа што трошењето време за договор околу тоа како би требало да изгледаат секој пат од почеток, а потоа и изработката на самите стандарди за бироата троши многу, би рекол, непотребно време кое верувам дека можеме подобро да го искористиме. А, на крај, и подобро ќе се разбереме..
Прв чекор
Затоа се надевам дека овојпат конечно ќе го решиме тој, би рекол, прв чекор и дека ќе се позанимаваме со некои, според мене, поважни BIM-стандарди кои се надевам дека малку ќе нè одвојат од изработката на документацијата и ќе нè приближат кон понапредни работи за кои можеме да го искористиме BIM. Склон сум и кон тоа во некоја мера да преземеме веќе испробани туѓи стандарди, а не нужно да измислуваме нешто свое од почеток. Секако, така што ќе ги приспособиме на нашите можности и така што ќе ги поедноставиме работите, а не уште повеќе да ги искомплицираме.
Втор чекор
Но, едно е да се осмисли стандард, а друго е неговото прифаќање. Тоа ми се чини како уште поголем предизвик за сите нас. За тоа ќе треба уште повеќе од неколку ентузијасти. Наметнувањето ми се чини како пат по кој треба да се оди, но сите знаеме како изгледа кај нас нешто кога не е задолжително. Ќе мораат повеќето од нас да сфатат што ни носи стандардизацијата и ќе треба да вложиме заеднички напори за тоа да заживее. Затоа што од стандардите што стојат на некоја полица нема многу корист.
Секако дека некои и понатаму ќе користат некои други стандарди на своите проекти. Ако тоа се случува затоа што имаат оправдана причина и знаат дека тие повеќе им одговараат, тогаш тоа е во ред. Но, ако ги користат затоа што немало никакви препораки па го зеле првиот што им дошол при рака или, уште полошо, ако не сфатат дека им требаат стандарди и со тоа уште повеќе го искомплицираат целиот проект… тоа би можело да биде проблем.
Овој втор чекор ми се чини интересен. Се надевам дека ќе има можности во догледно време да разговараме и за тоа. Но за тоа – потоа…
Автор: Ведран Орешиќ – БИМ консултант и сертифициран инструктор за Autodesk во Белград