- 25.07.2022
- Posted by: smartuser
- Categories: Autodesk новости, Некатегоризирани, Новости
Уште еден тренд што сè повеќе доаѓа до израз е промената на начинот на изведувањето на градењето. Од изведба на лице-место во префабрикација. Денес тоа можеме да го најдеме под термините Construction to Production или DfMA (Design for Manufacturing and Assembly). Секако, префабрикацијата не е нова работа, но степенот во кои денес тоа почнува да се користи е нов.
Улогата на BIM
BIM, односно квалитетниот 3Д-модел со „реални“ елементи и тука одиграл важна улога. Замислете ја разликата во производството на префабрицираните елементи доколку основата ви е 2Д-цртеж и формат од кој некој мора да протолкува како точно би требало да изгледа елементот или 3Д-модел со сите информации и формат кој можеме автоматски да го испратиме во производство, што ни нуди или во иднина ќе го ни го понуди BIM-моделот. А бидејќи деталните 3Д-модели во производствениот инженеринг веќе долга низа години се стандард, ширењето на производството и на елементите на градбата воопшто не се проблем. И додека во минатото под префабрикација подразбиравме, на пример, изработка на преднапрегнати греди или фасадни панели, денес тоа се веќе целини, па дури и делови од објект.
Предности на ваквиот начин на работа
Причините за ваквиот начин на работа се многу јасни. Постојано гледаме бројки од светот кои кажуваат дека има сè повеќе луѓе и дека ќе треба сè повеќе сместување за нив. А од друга страна, трошоците за градење треба да се сведат на минимум, за и покрај сè помалата маргина на заработувачката, таа да биде задоволителна. Значи, ни треба нешто брзо и донекаде евтино. Класичното градење тука малку запнува, а префабрикацијата е едно од решенијата. Поголема прецизност, помала потрошувачка на материјали, помалку трошење време на градилиштето, помалку потребна работна сила и поголема извесност на крајниот резултат. Сето тоа оди во прилог. Во таа насока, интересно ми беше што видов дека и HILTI го промовира BIM. Производителот кој кај нас е познат токму по алатот кој служи за да се „исправаат“ грешките на градилиштето кои настанале поради неусогласеноста на документацијата, денес се ориентира на некои други дејности, свесен дека „главната“ дејност ќе му биде сè понеактуелна.
Иако не изгледа така на прва, тоа има влијание и на проектантскиот дел од работата – ваквиот модуларен пристап е можен само ако од почеток работите се постават така. Тоа, од една страна, може да ја „ограничи“ креативноста на проектантот, но предностите се големи и мислам дека, сепак, ќе мораме да се навикнеме на тоа.
Преплетување на градењето и производството
Денес сè повеќе изведувачи и кај нас добиваат барања некако да ги спојат тие две работи – BIM и производствениот инженеринг. И јас сум вклучен во неколку такви проекти. Тука се појавуваат задачи во кои само еден вид алатки не е доволен. Оние кои традиционално беа ориентирани на инженерски софтверски алатки, како на пример, Inventor и Solidworks сè почесто добиваат барања да испорачаат Revit-модел, а оние кои користат BIM-модели треба да ги направат и на начин за да бидат погодни за производство. Понекогаш навистина е тешко да се одлучи кој софтвер, всушност, е главен, затоа што преплетувањето некогаш е големо. За среќа, и произведувачите на софтвер го имаат забележано ова, па тие два вида алатки од верзија во верзија сè подобро соработуваат. Така и за оваа намена ќе стане сè поважно да се има модел на градбата и на нејзините делови затоа што класичните 2Д-скици ќе бидат неупотребливи.
Поглед во иднината
BIM, како што повторувам постојано, не треба да го гледаме како нешто конечно, туку како еден почетен дел од информациската револуција која ќе ни донесе многу нови работи. Во таа насока би сакал малку и да се задржам на оваа тема.
Денес веќе можеме да купиме автомобил со тоа што на паметниот телефон ќе избереме како да изгледа, кои функции да ги има, знаеме колку ќе чини и кога ќе можеме да го преземеме. И додека тоа можеби ни е малку чудно, на младите генерации ќе им биде целосно нормално. И не само нормално, туку ќе го бараат тоа и за останатите работи во животот. Зошто така да не ги креираме и становите? Модулите на една зграда и онака ќе се спојуваат во фабрика, исто како и автомобилот, па тоа воопшто нема да биде невозможно. Тоа е видливо и денес кај некои производители на опрема за ентериер.
Ако ѝ се препуштиме уште малку на фантазијата, можеме да замислиме дека таквиот „поедноставен“ начин на изработка ќе заинтересира уште некои играчи кои ќе увидат дека можат да приграбат дел од овој колач во кој се вртат многу пари. Па ако, на пример, „Гугл“ или „Амазон“ почнат да „произведуваат“ градби – како ќе влијае тоа на начинот на градење?
Додуша ова, за жал или за среќа – зависи од која страна гледаме, не се наши грижи затоа што сме доволно мали за да бидеме неинтересни и цената на работната сила е доволно ниска за да биде неисплатливо да се замени со технологија. Мислам, ако најдете работници.
Нашите можности
Ми се чини дека ние сè уште, ако воопшто бараме начини, бараме како да ги вклопиме новите технологии за со нив што подобро да ги извршуваме задачите што по малку застаруваат. А веќе би требало малку по малку да се преориентираме на некои нови решенија кои се појавуваат. Кажувам дека некои веќе тоа го имаат препознаено и работат на овој начин.
А кога ќе се случи тоа на пошироката сцена? Кога ќе имаме интерес да бидеме поефикасни. Сè додека може нетранспарентноста да ги покрие сите неефикасности во процесот, тешко дека ќе го оствариме ова. Но, кога BIM алатките заедно со останатите можности на инвеститорот на едноставен начин ќе му овозможат да ги контролира сите аспекти од процесот и кога нема да биде можно со VTR да се покријат сите недостатоци, тогаш ќе мора да се пронајде некој начин како тоа да се „покрие“ со ефикасен начин на работа и со нови решенија кои ќе донесат заштеда. Тоа е магичен круг кој се надевам дека ќе почнеме полека да го одмотуваме.
Автор: Ведран Орешиќ – БИМ консултант и сертифициран инструктор за Autodesk