BIM- сакаме или не сакаме?

Долгото топло лето е зад нас. По игра на случајот, за мене летото годинава беше особено долго. Ми годеше. Но, има тоа и свои „лоши“ страни. Треба човек повторно да се „влезе во рутината“. А тоа не е баш лесно 😊 Но, ваква пауза добро доаѓа и за да ги погледнеме работите од друга перспектива. Така е и во случајот на BIM. Па така, вака по дистанцата, ми се поставува едно прашање: Дали сме ние навистина за BIM? Дали ние како општество сме за оптимизиран и транспарентен начин на работа со кој ќе заштедиме нешто. Или стискаме палци в џеб додека навиваме сè да си биде нетранспарентно за што повеќе да заработиме?

Не сакаме

Тоа е информација која би било добро да се знае. Затоа што ако идејата е ова второто, тогаш целиот труд околу тоа да воведеме нови технологии кои ќе нè унапредат и ќе ни дадат повеќе информации за да имаме поголема контрола врз процесот и врз резултатот паѓа во вода. И тогаш можеби и не треба да се трудиме премногу за тоа. Не судам, само прашувам. Всушност, логично е. Бидејќи, ако со BIM можеме да заштедиме, на пример, 20% на некој проект, а со мамење можеме да извлечеме 30%, тогаш зошто да вложуваме во нови технологии за да добиеме помалку? Ако со BIM направам нешто за два дена за што инаку требало четири, а потоа чекам еден месец да се случи нешто со проектот, тогаш тоа не е забрзување од 50% туку десет пати помалку. Мислам дека тука лежи проблемот и дека тоа се работите со кои треба да се позанимаваме за да тргнеме напред.

Сакаме

Но, ако случајно, барем во некој потесен дел, одговорот е она првото, дека навистина сакаме да бидеме поефикасни, тогаш навистина треба да се фатиме за работа и да тргнеме сериозно во таа насока. Бидејќи, луѓе мои, многу сме троми, со чест на исклучоци. Јас и понатаму ќе се трудам во оваа насока, затоа што поинаку не знам. Ќе верувам дека нè има доволно такви кои сакаме да ги унапредиме работите и дека BIM има свое место и тука кај нас. И дека сме подготвени да ги засукаме ракавите и да се впуштиме во тоа малку посериозно, а потоа конечно да собереме и понекој плод од таквиот начин на работа.

Се прашувам за ова, затоа што сум вклучен во разни иницијативи, од здруженија во струката, граѓански здруженија до едукативни институции, каде што заедно со колегите кои се BIM ентузијасти, се обидувам да придонесам за струката со знаење и искуство на ова подрачје. Сето тоа е волонтерски, што и не е некој проблем ако идејата е сите заедно да одиме напред. Но ако идејата е нешто друго…

 

Автор: Ведран Орешиќ – БИМ консултант и сертифициран инструктор за Autodesk