Проектирање на база на квалитетни информации

Приказната за BIM е приказна за информациите. На сите ни е познато дека BIM-моделот е 3Д-модел на градба збогатен со информации. Но, не е важно само дека тие информации постојат, туку клучно е како тие информации се користат. Првиот чекор е вградувањето на податоците во BIM-моделот. Но, користењето на тие податоци од моделот е тоа што BIM го прави BIM.

 

BIM каков што го познаваме

При класичниот начин на работа успехот на проектот бил препуштен на искуството на проектантот и на некои предвидувања, а поретко на проверките на самиот проект. Проверките, затоа што не е толку едноставно и брзо да се направат, се правеле главно при крајот на одредена фаза од проектирањето и со тоа главно се потврдувала состојбата, а поретко врз основа на нив се постигнувало во голема мера да се менува самиот проект.

BIM-моделот и алатките ни овозможуваат некои работи, како на пример спецификациите на користените елементи, количеството на материјали, изработката на графичката документација и слично, да ги направиме автоматски, па ни нуди можност информациите да ги имаме порано и така да имаме поголема контрола врз проектираното решение. Но, и понатаму, користењето на податоците главно се сведува на документирање на тоа што сме го проектирале.

 

BIM каков што би можел да биде

Но, информациите можеме да ги користиме не само за да ја документираме готовата состојба, туку и за да ја предвидиме идната состојба. Од почеток да се проектира врз основа на квалитетни информации и да се користат за да влијаеме на крајниот резултат и да го направиме подобар е едно ниво повисоко.

Data Driven Design или проектирање врз основа на веродостојни информации е она за што би требало да ни послужи BIM ако сакаме најдобро да го искористиме. За такво нешто треба да имаме собрано и квалитетно структурирани податоци за објектот + паметни апликации тие податоци да ни ги претворат во корисни информации.

Идејата е во многу рана фаза на проектот, додека сè уште имаме само груби контури и не сме потрошиле многу време на проектирање, а одлуките што ги носиме во најголема мера ја одредуваат насоката во која ќе се развива проектот, да ги имаме „вистинските“ информации. И врз основа на тие рани и веродостојни информации да го насочиме проектот. Значи, наместо по завршениот проект да анализираме што сме оствариле, ние на почетокот на проектот планираме што ќе оствариме. Тука има битна разлика.

Така, ако тргнеме од тоа што треба објектот функционално да задоволи, што треба да задоволи енергетски, со трошењето на материјали, со оптимизацијата на конструкцијата и др. – колку подобар објект можеме да добиеме? Тоа е нешто што ни го дава BIM и кон што треба да тежнееме. Не да документираме каков е објектот, туку да го проектираме објектот најдобар што би можел да биде.

Но, тоа не е сè…

Тоа што би било уште еден чекор понатаму е да имаме увид во сите информации не само во фазата на проектирање, туку и податоци за изведените проекти. И да ги следиме и во фазата на користење. Па тие податоци да ги користиме и за идните проекти да ни бидат што подобри. Така, Evidence Driven Design е нешто што дополнително ќе ни помогне зградите да ни бидат онакви какви што во иднина сè повеќе ќе се бараат. Ефикасни и економични, а не само атрактивни и функционални. Но, затоа уште сега треба да почнеме со паметно користење на информациите за во догледно време да ја имаме таа база на податоци. Затоа што тоа е тоа што би можело да ни биде предност во некоја идна проектантска работа.

 

Што можеме да направиме уште сега

На нас останува да прифатиме дека информациите се подеднакво важни, ако не и поважни од геометријата. И да почнеме осмислено да управуваме со нив. Да размислиме кои проблеми се повторуваат на проектите на кои работиме и што би можеле да унапредиме на некој од следните. А апликациите кои ни се потребни или веќе постојат или ќе се појават. Развојот на таквите апликации не е нешто што го прават само големите производители на софтвер, туку тренд е секое посериозно биро и самото да развива алатки што им се потребни за такво нешто. Свесен сум дека тоа тука за нас сè уште е научна фантастика, но не дека нема и кај нас светски примери.

Автор: Ведран Орешиќ – БИМ консултант и сертифициран инструктор за Autodesk